
Како подобро да го заокружиме нашиот прв творечки месец, ако не со поезија. Читнете си 6 песни на 6 млади луѓе што решија да споделат дел од себе со светот.
Ноќна успивна песна
Јас не знам кога цвета јоргованот,
и кога се перат чаршафите,
ниту кога да ја ставам запршката во манџата,
ниту како со носот накај чевлите се поставува главата.
Јас не знам да бидам она кревко мило домашно животно,
јас не знам да молчам кога треба,
мене ми текнува место на другите, само на себе.
Како ќе градам семејство, драги мои?
Со рацете в џеб?
Ќе го погазам ли некогаш мојот збор, бар еднаш,
ќе попуштам ли од јажето што магарешки го тегнам,
за да не се заплете чвор,
за замислата на живот со дечиња,
монистри, бавни утра, куќичка со двор
Или не е тоа единствениот начин?
Ќе бидам ли мајка?
Нани,нани, нани,нани
светот има осум страни..
нема да сме вечно сами..
само не мисли нани, нани.
(Ива Петреска)

не сакам да ми ја искршат карлицата во војна
не знам која повеќе ја сакам
клучната или карличната коска
не знам што повеќе сакам
да гледам како помодрува месото на клучната
или како набабруваат вените околу карлицата.
не знам што повеќе сакам
клучната што личи на риба
или карличната на зинат лав
или клучната на стоп знак
или карличната на два лежечки полицаjци
или клучната на девојка ми
или карличната на дечко ѝ
или клучната на две тазе кифли
или карличната два бика здивени пред корида.
не знам што повеќе сакам




