top of page

Тело и ум во баланс: Физичката активност - витална потреба за човекот

Dec 31, 2024

3 min read

8

193

Замислете го вашиот доктор како личност која редовно вежба и активно се грижи за своето здравје. Во денешно време, ваков пример се среќава сè поретко, а многумина од нас, идните здравствени работници, не ја практикуваме физичката активност што би требало да ја препорачуваме. Особено ние, студентите, често го запоставуваме своето ментално и физичко здравје поради обврските и стресот што ги носи студирањето. Недостатокот од физичка активност може да доведе до зголемен стрес, намалена продуктивност, па дури и до развој на хронични здравствени проблеми. Но, ако ние сами не се грижиме за своето здравје, како можеме да бидеме доверливи примери за пациентите? Нашето тело и ум се основата на сè што правиме. Ако не инвестираме во нив, како да очекуваме да им покажеме на пациентите како да го прават тоа?



Како студент, често се наоѓам во ситуации кога моите обврски и времето што го посветувам на учењето се толку големи што и 24 часа понекогаш не се доволни. Но, и во тие тешки моменти, секогаш сум наоѓал барем 30 минути за физичка активност, која покажала неверојатни бенефити не само за моето физичко здравје, туку пред сè за менталната издржливост. Тренинзите и активностите во природа го намалуваат мојот стрес, ми помагаат да се опуштам и да ја задржам фокусираноста. Кога работам под голем притисок за време на испитите или при учењето, физичката активност ми овозможува да се ослободам од преоптовареноста која би можела да ме блокира. Покрај тоа, вежбањето ги зголемува нивоата на ендорфини, познати како хормони на среќа, што ги подобрува моите емоции и ми помага да останам позитивен и продуктивен. Откако сум џудо тренер, секојдневно гледам како физичката активност позитивно влијае на здравјето и менталната благосостојба на децата. Во мојата работа со децата, се трудам да им ја пренесам важноста на активноста и дисциплината уште од рана возраст. Децата што почнуваат да се движат и да вежбаат, учат како да го контролират стресот и да го подобрат своето ментално здравје. Така се создаваат здрави навики, кои продолжуваат да се применуваат и во иднината.



Сепак, не треба да се заборават и два други клучни фактора за добро здравје: квалитетен сон и правилна исхрана. Спиењето е основа за обнова на телото и умот, а недостатокот од сон може да доведе до сериозни здравствени проблеми, како ослабен имунолошки систем и зголемен стрес. Исхраната игра клучна улога во обезбедувањето на потребните нутриенти за енергија и одржување на телесните функции. Недоволната или неадекватна исхрана може да биде основа за развој на бројни хронични болести. Затоа, важно е да се создадат навики за добар сон и здрава исхрана, кои ќе станат неизбежен дел од секојдневниот живот. Како што вели латинската поговорка „Mens sana in corpore sano“ – во здраво тело здрав дух, што значи дека само со физичка активност, добар сон и правилна исхрана можеме да постигнеме целосно здравје.


Ако сте почетник и немате претходно искуство со физичка активност, започнете полека. Не мора да се впуштате во интензивни тренинзи одеднаш.Започнете со едноставни вежби како кратки прошетки, вежби за истегнување или лесни кардио активности. Важно е да најдете активност која ви одговара и да ја правите редовно. Дури и 15-20 минути на ден може да имаат позитивен ефект на вашето здравје. Со текот на времето, како што се навикнувате, можете да го зголемите интензитетот и времетраењето. Започнете сега и направете го здравиот начин на живот дел од вашата секојдневна рутина!


Во денешниот брз и стресен живот, каде што времето и обврските се на прво место, често забораваме на најважното – нашето здравје. Почнете денес, не оставајте за утре, затоа што вашето здравје е вашата најголема инвестиција. Кога ќе ја вложите енергијата во себе, ќе видите како се менува не само вашето здравје, туку и вашата продуктивност, фокус и ментална издржливост.Додека го градиме идниот пат како здравствени професионалци, треба да го направиме здравиот начин на живот дел од нашата секојдневна рутина, бидејќи само така ќе можеме да бидеме вистински пример за пациентите. 



Јорданчо Ѓорѓиоски, студент на општа медицина при Медицински факултет – Скопје, втор дан црн појас - џудо тренер во Суперџудо Работнички Адора – Скопје, Грант координатор во ММСА


Dec 31, 2024

3 min read

8

193

Related Posts

bottom of page